Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

ИНФОРМАЦИЈА ЗА НЕВРАБОТЕНИ ЛИЦА Програма Општинско – корисна работа 2019 Проект „Локална прегратка 2“ Општина Куманово

Оваа објава е достапна и на: sqAlbanian

Проектот „Локална прегратка 2“ е дел од Програмата Општинско-корисна работа-2019 во склоп на Проектот „Креирање можности за работа за сите- IV и поддршка на Владата на Република Северна Македонија во спроведување на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2019 година.

Проектот започнува на 01.09.2019 година и ќе трае до 30.06.2020 година, во кој ќе бидат ангажирани вкупно 23 (дваесет и три) невработени лица како даватели на услуги и вкупно 76 (седумдесет и шест) крајни корисници на услугите. Во зависност од проектната идеја, ангажманот на невработените лица ќе биде во траење од 6 (шест) односно 9 (девет) месеци.

Висината на надоместокот на ангажираните лица на месечно ниво изнесува 9.000,оо денари, во кои е вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест.

Средствата за реализирање на Програмата Општинско-корисна работа- 2019 се обезбедени од Буџетот на Агенција за вработување на Република Северна Македонија и учество со кофинансирање на Општина Куманово во износ од 20% од месечниот надоместок за вкупно 21 (дваесет и едно) ангажирано лице во период од 6/9 месеци.

Дополнително, Општина Куманово обезбедува и целосно (100%) финансирање на 2 (две) лица вклучени во проектот за период од 9 месеци.

За следење на проектот и неговата реализација е формирана Општинска комисија, во чиј состав се претставници на АВРСМ-Центар за вработување- Куманово, ЈУМ Центар за социјална работа-Куманово, ЈОУ Дом за стари лица „Зафир Сајто“ Куманово, Здружение РЦПЛИП „Порака Наша“ Куманово и Општина Куманово преку Одделение за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита.

Ангажираните невработени лица ќе бидат ангажирани со скратено работно време од 4 часа дневно секој работен ден.

Ангажираните 23 невработени лица, активни баратели на работа во Центар за вработување Куманово треба да припаѓаат на една од следниве категории:

  1. Долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над 5 години);
  2. Млади лица до 29 години;
  3. Лица постари од 50 години;
  4. Лица корисници на право на парична помош од социјална заштита или корисници на паричен надоместок по основ на невработеност;
  5. Лица со попреченост;
  6. Жени припадници на ромската етничка заедница и на останатите етнички заедници;
  7. Лица припадници на ромската етничка заедница;
  8. Самохрани родители;
  9. Родители на деца со пречки во развојот;
  10. Родители на 3 и повеќе деца;
  11. Лица со незавршено средно или пониско образование.

 

Јавниот повик за пријавување на кандидатите за учество во Проектот ќе биде  објавен во период од 05.08.2019 до 16.08.2019 година.

Проектот „Локална прегратка 2 “ е составен од три проектни идеи и тоа:

Првата проектна идеја се однесува на целната група –  корисници на двата дневни центри за лица со интелектуална попреченост ( ДЦ „Порака Наша“ Куманово и ДЦ – МТСП-Куманово). Со истата имаме за цел преку менторска работа дневните центри да станат место каде што лицата ќе се стекнат со основни вештини за осамостојување, едукација, работно ангажирање, развивање на вештини според личните афинитети и инклузија преку спорт и музика. За реализација на оваа проектна идеја ќе бидат ангажирани 4 (четири) невработени лица, во улога на: ментор за спортски активности, двајца ментори за музички активности,  како и координатор за родители на крајните корисници на услугите.

Втората проектна идеја се однесува на целната група – ученици со попреченост вклучени во редовното инклузивно образование, а со истата имаме за цел преку ангажирање на образовни асистенти, на учениците со попреченост да им пружиме поддршка и воедно овозможиме вистинска инклузија во образовниот процес преку асистирана помош во текот на наставниот час заради полесно совладување на наставната содржина и подобрување на социјализацијата со нивните соученици. За реализација на оваа проектна идеја ќе бидат ангажирани 16 (шеснаесет) невработени лица во улога на образовни асистенти.

Третата проектна идеја се однесува на целната група –стари лица, а со истата имаме за цел преку развивање на формата Сервис за стари лица во домашни услови, да им пружиме психолошка и социјална поддршка како и помош при извршување на секојдневни обврски на старите лица и организирање на поквалитетно структурирано време, кои водат кон унапредување на квалитетот на нивниот живот и развој на чувството за припадност во заедницата. За реализација на истата ќе бидат ангажирани 3 ( три) невработени лица во улога на асистенти за стари лица коишто ќе пружаат помош на старите лица преку: набавка на основни продукти за исхрана и хигиена, придружба до лекар, организирање на социјалниот живот на старите лица преку посета на театар, културни настани и слично.

Детални информации за Програмата „Општинско-корисна работа“ можат да се добијат во Општина Куманово кај лицето Тања Стефановска, Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“ и Ивана Костовска заменик- Општински координатор за Програмата „Општинско-корисна работа“  , Агенција за вработување- Центар за вработување Куманово кај лицето Благица Јовановиќ,  ЈУМ Центар за социјална работа Куманово кај лицето Мирослава Илиевска.

 

Општинска комисија за следење на проектот

Врати се на врвот
Големина на фонт