Повик за избор на претставници на граѓански организации за членство во локалното координативно тело за заштита од дискриминација


Општина Куманово во рамки на проектот за заштита од дискриминација на локално ниво, спроведуван од страна на ХЕРА- Асоцијација за здравствена едукација и истражување, а поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија во Република Македонија, со одлука на Советот на Општина Куманово основаше координативно тело за заштита од дискриминација.
Локалното координативно тело за заштита од дискриминација е мултисекторско тело составено од претставници на локалните институции и граѓанските организации кои работат на заштита од дискриминација, човекови права, бесплатна правна помош и кои ги застапуваат правата на маргинализираните групи. Во локалното координативно тело ќе членуваат претставници на Народниот правобранител на Република Македонија – Подрачна канцеларија Куманово, Министерството за правда на Република Македонија – Подрачното одделение Куманово, претставник на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените на Советот на Општина Куманово, Координаторот за еднакви можности на жените и мажите во Општина Куманово и 3(три) претставници на граѓански организации кои работат на територија на Општина Куманово.
Основна цел на телото е унапредување на заштитата од дискриминација, пријавувањето и препознавањето на дискриминација во Општина Куманово, преку размена на информации, спроведување на заеднички активности, следење на состојбите и координиран одговор на поединечни случаи на дискриминација од страна на локалните институции и граѓански организации.
Телото ќе работи преку редовни координативни состаноци, врз основа на протокол за соработка и деловник кој членовите сами ќе го донесат. Членовите на координативното тело, претставници на граѓанските организации имаат мандат од 4 години, со можност за еден реизбор.
Членовите на координативното тело до март 2017 ќе земат учество во следните активности:
• Активности за промоција на формирањето на координативното тело за заштита од дискриминација
• Учество на почетна обука за унапредување на вештините за работа во координативното тело за заштита од дискриминација, составување на план на активности, деловник за работа
• Тркалезна маса во Куманово за промоција на формирањето на координативното тело за заштита од дискриминација
• Национална конференција за унапредување на заштитата од дискриминација во Скопје

Граѓанските организации од Општина Куманово и нивните членови кои имаат желба да се членови во локално координативно тело треба да ги исполнуваат следниве услови:
1. Граѓанската организации најмалку 5(пет)години да е регистрирана во Центарен регистар на Република Македонија
2. Да делува на територија на Општина Куманово
3. Да спроведува активности за унапредување на човекови права и заштита од дискриминација по разни основи
4. Да има видливост т.е. да е претпознатлива во заедницата
5. Да има член кој ја познава и се занимава со проблематиката за унапредување на човекови права и заштита од дискриминација

Заинтересираните граѓански организации од Општина Куманово и нивните членови, треба да пратат мотивационо писмо во кое ќе ја опишат мотивацијата на организацијата која ја претставуваат за учество во координативното тело и искуството на организацијата на полето на заштита од дискриминација, човекови права, бесплатна правна помош и работа со маргинализирани групи и кратка лична биографија на членот на организацијата кој го номинираат.
Мотивационото писмо и личната биографија треба да ги пратат најдоцна до 03 март 2017 година на следнава е-маил адреса: [email protected]