Разработените граѓански идеи утре на втората форумска сесија

Идеите на граѓаните, кои беа дадени на првата форумска сесија, во вид на разработени концепт проекти, ќе се најдат на втората сесија, која е закажана за вторник, 02-ри јули, во 10 часот во НУЦК „Трајко Проекопиев“ во Куманово.

Општината Куманово во соработка со УНДП, преку проект финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), спроведува Проектен  форум, од каде треба да произлезат проекти за поголема социјална вклученост.

На првата сесија граѓаните детектираа недостаток на простор за млади и млади таленти и спортисти, кои во еден центар ќе ги демонтрираат своите креативност и иновантност, но и простор за дружење. Потоа сервис за стари лица, кои ќе ги опслужуваат волонтери од средните училишта, потреба од центри за ран детски развој во руралните средини, недостаток на инфраструктура за лица со посебни потреби, како семафори за слепи лица, улици и тротоари прилагодени за движење, пристапни рампи до институциите. Меѓу изложените идеи се и: Реконструкција на салата на ОУ „Браќа Рибар“, Адаптација на покрив и столарија во ООУ „Браќа Миладиновци, Спортски катчиња за урбана и рурални средини со простор за спортување на деца со посебни потреби како и Опремување и адаптација на Градската библиотека со компјутери и книги за слепи лица  и лица со посебни потреби.

На втората сесија, граѓаните ќе имаат можност да ги проследат концепт проектите, кои настанаа на основа на нивните предлози од првата форумска сесија, кои во основа ја имаат социјалната инклузија. Ќе бидат презентирани осум концепт проекти, за кои ќе се дискутира во рамките на форумот, кој ќе одлучи кои од овие предлози ќе бидат преточени во предлог проекти за следната сесија.

 

За форумот: Целта на форумот е зголемување на учеството на граѓаните во процесот на донесување на одлуки на локално ниво. Присутните граѓани на форумот ќе имаат можност да предлагаат и да изберат приоритетни проекти, кои ќе се финансираат од проектниот фонд во износ од 50.000 швајцарски франци (CHF).

 

За проектот: Форумскиот процес е дел од проектот „Зајакнување на општинските совети“, чија втора компонента е зајкнување преку мали грантови за приоритетни мерки на општините, избрани преку јавни консултации.

 

 

Врати се на врвот
Големина на фонт