Општински проект „Моќно образовно партнерство“- Програма ОКР 2016


Од средината на септември започна со реализација проектот „Моќно образовно партнерство“, во рамки на Програмата Општинско-корисна работа, со период на траење од 6 месеци, како продолжување на досегашните успешни проекти во рамки на истата програма, кои во континуитет Општина Куманово, преку Одделението за социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, ги реализира од 2013 година. Носители на овој проект се Општина Куманово, УНДП, МТСП и АВРМ.

Општина Куманово склучи договор за финансиска поддршка со 10 невработени лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на труд, со цел обезбедување на услуги од социјалната сфера. Имено, 7 лица од различни профили од воспитно-образовен и социјален аспект (логопед, наставник по одделенска настава, ликовен уметник и сценограф, музичар, социјален работник и 2 професори по физичко образование, спорт и здравје) се ангажирани во рамки на Дневните центри за лица со интелектуална попреченост, додека 3 лица ( 2 специјални едукатори и рехабилитатори/дефектолози и 1 социјален работник) се ангажирани како ментори на 3 ученика со попреченост, кои се дел од инклузивниот образовен процес во рамки на ООУ „11 Октомври“ Куманово.

По успешно спроведени 3 проекти од страна на Општина Куманово во рамки на Програмата Општинско-корисна работа, увидовме дека се создадени услови, во ОКР 2016 овој процес да доживее еволутивен скок , со суштинска/квалитативна разлика во начинот на конзумирање на проектните услуги – услугите да бидат пружани индивидуално, соодветно на индивидуалните потреби на секој корисник поединечно, преку претходно изготвени индивидуални планови и програми за работа и преку индивидуална работа со секој корисник, од страна на еден ментор; Програмите кои се развија во тек на ОКР-2015 и активностите кои се практикуваа на дневно ниво беа само во форма на групна работа. Поради тоа, првата проектна идеја/активност ја дефиниравме како активност која се состои во „поединечно менторство“, преку индивидуална работа со секој корисник на дневен центар, од страна на еден ментор. Целта на првата проектна идеја е дневните центри за лица со интелектуална попреченост во Општината да станат место каде корисниците ќе добиваат можност за ,,поединечно школување “ ( менторство ) ; каде со нив ќе работи тим кој е способен да направи услугата во дневниот центар да не подразбира само задоволување на основните потреби на корисникот (исхрана, нега, чување ), туку и можност за стекнување образовни услуги и поквалитетно структуирање на времето во текот на денот; односно одржување на тим кој се грижи за квалитетот на понудените и развиените програми за адаптивно школување како колекција на концептуални и креативно – мотивирачки услуги.

Со втората проектна идеја , која е насочена кон целната група – малолетни ученици со интелектуална попреченост во Општината , проектот има за цел да се создадат услови за вистинска инклузија во редовниот образовен процес преку ангажирање на ментори во улога на педагошки асистенти на учениците со попреченост, кои ќе им помогаат на избраните деца при совладување на предвидената образовна програма за време на часовите.
Ивана Костовска
Општински проектен координатор