Природно-географски карактеристики


Куманово и околината што гравитира кон него, се наоѓа во северниот дел на Република Македонија. Оваа територија, најсеверните делови ги има северно од Козјак, во атарот на с.Мглинце, во долината на Мала Река, а најјужната се наоѓа во атарот на с. Живиње. Од најсеверниот до најјужниот дел во Кумановско, растојанието изнесува 43 км воздушна линија, а во правец исток-запад растојанието е 50,4 км. Кумановскиот крај од соседните области е одделен со делови на стари грамадни планини. На запад се издигаат огранците на Скопска Црна Гора, кои во овој крај се познати под името Карадак. На север се наоѓаат падините на Руен, додека падините на планината Козјак се спуштаат кон трговишка област. На исток е планината Герман со Славишката котлина, додека од јужната и југоисточна страна се ридестите терени на Градишка Планина со која брановидното Кумановско Поле е одделено од Скопската Котлина и Овче Поле. Кумановскиот крај (старата општина Куманово) во чии рамки денес егзистираат пет единици на локална самоуправа ( Куманово, Старо Нагоричане, Липково, Орашац и Клечовце) зафаќаат површина од 1212 километри квадратни, што претставува 4,71% од територијата на република Макеоднија. Во наведениот простор се распостелале 110 населени места, главно населени со етнички хетерогено население.

Во минатото низ оваа област минувале значајни патишта преку кои се воспоставувале врски помеѓу областите околу Јадранското Море со оние околу Егејското и Црното Море. Денес за Кумановскиот крај најголемо значење има Моравко-Вардарската Долина по која минува железничката линија изградена во 1800 година, како и асфалтен пат кој јужно од Куманово е современ автопат. Во напореден правец се користат два правца: едниот преку Крива Паланка кон соседна Бугарија и Турција, додека другиот, оди на југоисток, преку Овче Поле ги одржува врските со населените места во Источна Македонија.

Геолошката градба на Кумановско е разновидна, со различна старост и припаѓа, главно, на две зони: Вардарската и Родопската. Планините главно припаѓаат на Родопската маса која се смета за постара. Во овој дел спаѓаат планините Скопска Црна Гора, Руен и Козјак. Западно од Куманово се протегаат огранците на Скопска Црна Гора на која се наоѓа највисокиот врв во областа, Рамно со 1651 метар. Во северниот дел од областа се протегаат делови од планината Руен, која со поголем дел се наоѓа во Србија. Источно од Руен е средновисоката планина Козјак, позната од поновата историја по повеќето борби од НОБ, како и по одржаното историско Прво заседание за АСНОМ, на 2 август 1944 година, во манастирот  “Св.Отец Прохор Пчињски”. Планината Козјак главно се протега помеѓу двете најголеми реки во оваа област, Пчиња и Крива река. Бислимската Клисура на реката Пчиња е место кое изобилува со природна убавина. Поради цврстината на карпите кои ги пресекува, клисурата на одредени места има изглед на кањон, со голем број на пештери по каменливите страни.

Освен споменатите две реки, во Кумановската област се среќаваат и подземни води, извори на минерална вода, како и вештачки акумулации. Освен реките Пчиња и Крива Река, позначајни реки во овој крај се Кумановска Река, која настанува од Липковска и Којнарска Река, потоа Слупчанска, Отљанска и Матејачка Река. Во Лпковскиот реон, на Липковската река се изградени две акумулации: Липковската бетонска лачна брана, изградена во 1958 година, висока 37 метри со површина од 0,40 км2 а акумулацијата Глажња, исто така бетонска лачна рана, изградена во 1971 година, висока 80 метри, долга 344метри, со езеро кое зафаќа површина од 0,97 квадратни километри.

Во Кумановскиот крај има неколку извори на минерална вода. Најпознати се оние кај селото Проевце, потоа во Липково, кај с. Стрновац, во Клечовце и други. Засега лековитите води од овие извори единствено се искористени во с.Проевце, со Кумановската Бања и експлоатација на минералните води во с.Проевце и Клечовце. Температурата на водата на Проевските извори изнесува 28 степени.

Од покарактеристичните климатски услови на Кумановскиот крај би ги издвоиле неколку. Најниската температура забележана во Куманово и Кумановско изнесува -24 степени С, измерена на 27 јануари 1954 година, а највисока +40 степени С на 22 август 1952 година. Просечната годишна количина на врнежи изнесува 549,3 мм на квадратен метар. Најчест ветар кој дува на овие простори е северниот, а по него северозападниот. Северниот е најчесто во јануари, јуни и јули, а северозападниот е најчест од мај до октомври. Просечно годишно осончување во Куманово е 2200 часови.

Природните богатства во Кумановско се разновидни. Освен водите, карактеристично е богатството со плодни почви, разновиден растителен свет и наоѓалишта на метални и неметални руди. Од металните наоѓалишта познато е антимонско-арсенско наоѓалиште кај с.Лојане, додека од неметалните, се базалтните и глинените резерви кај с. Младо Нагоричане. Кај с. Липково се користат травертините,а кај с.Бељаковце се наоѓалиштата на опалска бреча, односно мермер кај Вуксан.