Десетто јубилејно издание на Меѓународниот тамбурашки фестивал во Куманово


На 22 и 23 август 2014 ќе се одржи 10. меѓународен тамбурашки фестивал „Куманово 2014“ под покровителство на градоначалникот на градот, Зоран Дамјановски, и Советот на градот Куманово, а во организација на Секторот за култура и Фондација за култура и спорт Куманово. Фестивалот ќе го отворат домаќините: Кумановски тамбураши и Нино Величковски и групата „Гезме“. Гостите кои со специјална програма ќе настапат на првата фестивалска вечер се Тамбурашкиот оркестар на Осиечко-барањска жупанија, Осиjек, Р. Хрватска, кои ќе покажат што сè може да направат тамбурата и двајца оперски пејачи – членови на Операта на Хрватскиот народен театар од Осиjек. Планирано е и специјален гостин да биде Тијана Дапчевиќ со својот бенд. Таа ќе се обиде да се вклопи во тамбурашка приказна, која ќе се случува в петок на 22 август на Градскиот плоштад Куманово од 21 часот. Во сабота, на 23 август, главната атракција ќе бидат гостинките од Нови Сад, групата „Фрајле“, со специјален репертоар за нашиот тамбурашки јубилеј. Истата вечер ќе ја отворат ТО „Табиет“ од Свети Николе.