Одржан ,,Обредот на соединувањето на небеското божество'' во Кокино

Одржан ,,Обредот на соединувањето на небеското божество'' во Кокино


На Мегалитската опсерваторија Кокино, во присуство на многубројна публика, на 31 јули 2011 година, во 06:00 часот наутро, се одржа манифестацијата „Бдеење на кокински мугри”. На овој археолошки локалитет од бронзено доба, биле пронајдени повеќе артефакти кои укажуваат дека ова место има карактеристики на митска света планина, но и древна опсерваторија. Имено, како што истакна на почетокот на манифестацијата, археологот и директорот на НУ Музеј – Куманово, Јовица Станковски, тука биле изведувани планински обреди на праисториските жители кои верувале дека тука можеле да коминицираат со боговите. Така, еден од најголемите обреди кој се случувал во средината на летото (денес во последниот ден од јули) бил соединувањето на небеското божество – Сонцето со Големата Мајка Земја, кога сончев зрак, поминувајќи низ засек од вертикална карпа, го осветлува тронот каде некогаш седел племенскиот старешина. Владетелот во тој момент на осветлување ритуално се соединувал со Богот Сонце и тоа било гаранција дека идната година ќе има богата жетва и мирен живот.

Така, централната точка во програмата беше одбележувањето на овој древен обред на плодноста кој го интерпретираше Тихомир Стојановски со својот монолог „Молитва кон сонцето”, седејќи на еден од троновите и дочекувајќи го сончевиот зрак кој помина низ вертикалниот нишан и ги осветли камените престоли.

Во продолжение на програмата следеше поетско читање од Друштво на писатели – Куманово, со гости од поетски друштва од Македонија, Србија и Бугарија, додека на повисоката платформа на Кокино се изработуваа автентични садови пронајдени на локалитетот, од страна на уметникот Душко Мишевски.