Представници на меѓународната заедница во посета на Општина Куманово


Во организација на “Добредојде” Macedonia Welcome Centre – невладина организација која има за цел анимација и интеграција на странците со привремен престој во Македонија, денеска во официјална посета на Општина Куманово беа представнички на меѓународната заедница од Италија, Холандија, Франција и Грција.

Преку културната размена во која се нуди помош и асистенција на странците за побрзо и поефикасно прилагодување во средината, се овозможува информирање и презентација и на нашата општина.

Представничките на меѓународната заедница остварија средби со Секретарот на општината Валентина Алексовска и раководителот на Секторот за Евроинтеграции – Горан Митевски.

Со цел промоција и представување на нашиот крај беше организирана посета на Црквата “Св.Ѓорѓи” во село С.Нагоричане, неколку стопански објекти и меморијалниот историски комплекс “Пелинце”.