СЕМИНАР ЗА ДИРИГЕНТИ И УМЕТНИЧКИ РАКОВОДИТЕЛИ НА ТАМБУРАШКИ ОРКЕСТРИ

СЕМИНАР ЗА ДИРИГЕНТИ И УМЕТНИЧКИ РАКОВОДИТЕЛИ НА ТАМБУРАШКИ ОРКЕСТРИ


Од 23-26 август 2011 година, во Меморијалниот центар „Асном”, с. Пелинце, Куманово, се одржа Стручен семинар за диригенти и уметнички раководители на тамбурашки оркестри, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, а во организација на Фондација за култура и спорт „Куманово” и Европскиот тамбурашки сојуз од Бања Лука, Бих. Семинарот се одржа на иницијатива на потпретседателот на Управниот Одбор на Европскиот Тамбурашки Сојуз, Нинко Величковски, истовремено и Директор на Фондацијата за култура и спорт – Куманово.

Одржувањето на семинарот имаше за цел унапредување на работата на тамбурашките оркестри во земјите каде тамбурата и тамбурашката музика е дел од националното културно и музичко наследство, односно да се поттикне тамбурашкото движење во Македонија. На семинарот учествуваа диригенти и уметнички раководители на тамбурашки оркестри од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија и Македонија, сите членки на Европскиот тамбурашки сојуз.

Семинарот го раководеше Зоран Мулиќ, професор по композиција на Музичката Академија во Нови Сад, според посебно утврдена програма која вклучуваше: основи на работата и основи на диригирање со тамбурашки оркестри, репертоар и аранжирање на тамбурашки оркестри и запознавање со тамбурашка литература, стилска изведба на тамбурашка народна музика и сл.

На отварањето на семинарот, Градоначалникот на Општина Куманово, Зоран Дамјановски посака успешна соработка, додека еден од претставниците на Европскиот тамбурашки сојуз, уметничкиот раководител и педагог на тамбурашки оркестри, Фрањо Славко Баторек, му додели плакета на Градоначалникот за дадената помош и укажана подршка во нивната работа.