Североисточен плански регион


Североисточен плански регион го сочинуваат општините: Кратово, Крива Паланка,Куманово, Липково,Ранковце и Старо Нагоричане.

Носител на развојот на Североисточниот плански регион е Советот на овој плански регион.Советот е тело задолжено на усогласување и спроведување на политиките на планскиот регион. Во советот на Североисточниот плански регион учествуваат градоначалниците на општините од планскиот регион. Претседателот на планскиот регион членува во Национален совет за рамномерен регионален развој.

Развој на Североисточниот плански регион ќе се реализира врз основа на програмата за развој на Североисточниот плански регион, како стратешки документ во кој се определени стратешки области за развој на регионот во согласност со Национална стратегија за рамномерен регионален развој. За изготвување и реализација на програмата задолжен е Центарот за развој на североисточен плански регион преку поднесување и имплементација на развојни проекти.

Седиште на центарот е во Куманово, како најголема општина во регионот.Располага со четири комплетно опремени канцеларии и професионално обушен кадар.

Покрај изготвување и реализација на Програмата за развој, центарот

–          Врши стручни и административно – технички работи за потребите на Советот за развој на планскиот регион

–          Подготвува предлог – проект за развој на плански регион и за подрачја со специфични развојни потреби

–          Ја потикнува меѓуопштинската соработка

–          Обезбедува стручна и техничка помош на ЕЛС при изготвување на нивните развојни програми

–          Обезбедува стручни услуги на НВО и Здруженија на граѓани при подготовка на проекти од областа на регионалниот развој

–          Врши промоција на развојните можности на регионот

–          Спроведува развојни проекти за поттикнување на развој, финансирани од фондовите на ЕУ и други меѓународни извори

–          Соработка со Донаторската заедница во државата

–          Ја потикнува меѓуграничната соработка

Центарот активно ќе се вклучи во искористување на развојните можности кои ги нудат претпристапните Европски фондови ИПА, со организирање на информативно-едукативни работилници за сите заинтересирани страни,како и со директно аплицирање со развојни проекти.