Претставници од Општина Куманово на интернационална конференција во Стразбур


Во Стразбур, Франција минатата недела од 28 до 30 ноември, започна имплементација на проектот URGENT на кој повеќе од 100 претставници на локална власт, меѓу кои и претставници на Општина Куманово, земаа учество на панел дискусиите за размена на знаење, искуство и пракса за тоа како да се промовира интеркултурен дијалог и градење мостови во денешните поделени европски средини.
Претставниците од Општина Куманово во состав Кристијан Стојановиќ, Тања Антиќ како член од Црвен Крст на Град Скопје и Мерсиха Смаиловиќ од НВО Легис, земаа активно учество во овој проект, каде во рамките на истиот ги споделија искуствата на градот со првиот миграциски бран на бегалци од Блискиот Исток што го зафати Куманово минатата година во јуни, кога во градот, т.е во градската џамија престојуваа и беа во движење неколку илјади бегалци, а подоцна со измени на Законот за азил, кога во Табановце беше отворен Транзитен центар кој работи и денес.

Манифестацијата во Стразбур беше единствена прилика за промоција на дебата за мулти – интересни групи, спојувајќи искуства на 12 различни земји на клучна тема која ја засега Европа во моментот, а тоа е интеркултурен дијалог и интеграција на мигрантите и бегалците.
Активност е одржана во рамки на проектот Urgent – Urban Re-generation: European Network of Towns, кофинансиран од страна на Europe for Citizens. Иницијативата со
„bottom up“, пристап има за цел да ја подигне локалната свест за итната потреба за воспоставување на нова врска помеѓу жителите на маргинализираните населби и оние од централните градски средини, како и да го намали растечкиот страв од миграција.
Манифестацијата беше организирана во соработка со Град Стразбур како прилика за промоција „Club de Strasbourg“ иницијатива со меѓународните учесници.