Традиционалната интернационална ликовна колонија Куманово 2026, беше затворена вчера, во Комплексот етно село „Тимчевски“, со изложбена поставка на уметнички дела, кои настанаа во текот на ликовниот камп.
На овогодинешното 52 издание учествуваа 14 ликовни уметници од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска и Романија, кои твореа на слободна тема со акрилни бои на платно. На сите учесници им беа доделени благодарници за нивната креативност, посветеност и учество на ликовниот камп, кој секоја година продуцира врвни уметнички остварувања.
Манифестацијата со пригодни зборови ја затвори претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, нагласувајќи ја историската улога на овој културно – уметнички настан, кој ги обединува уметниците од регионот повеќе од 50 години.
Ликовната колонија е во комплетна организација на Фондацијата за култура и спорт Куманово во соработка со уметничката галерија на НУ Музеј – Куманово, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општината, со поддршка на Министерството за култура и туризам на РСМ.
На вчерашниот настан присуствуваа членови на Советот на Општината и претставници на општинската администрација.
