Плазма спортските игри за млади, како најголема аматерска спортска манифестација во Европа, за првпат се организира во Македонија. Караванот „Денови на спортот“, кој е дел од игрите за млади денеска е во Куманово, во организација на Федерација на училишен спорт на Македонија, со поддршка од Владата и Министерството за спорт на Македонија.
Градоначалникот на Општина Куманово во спортската сала свечено ги отвори игрите, како масовен спортски настан, со цел преку спортот да се обединат учениците, промовирајќи здрави животни навики, фер – плеј, пријателство и позитивни вредности.
Над 300 ученици од основни училишта од Куманово, Старо Нагоричане, Ранковце, Кратово и Крива Паланка во машка и женска конкуренција, ќе се натпреваруваат на зонското првенство во мал фудбал, одбојка, ракомет, народна, баскет 3Х3, тенис, пинг – понг, шах, атлетика. Освен во спортската сала, натпреварите ќе се одржат и во општинските училишта “Браќа Миладиновци” и “Перо Наков”.
Државните победници во сите спортови и категории ќе учествуваат на меѓународното финале во Сплит – Хрватска, заедно со победниците од Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Хрватска.
Општина Куманово останува поддржувач на младите, спортот, на масовната физичка активност и здравиот начин на живот, со цел активна и инклузивна средина за младите.








