Традиционалната џез манифестација посветена на трагично починатиот музички уметник, Филип Стевановски, започна вечерва во Занаетчиски дом, во организација на ИНОКС – Институт за наука, уметност, култура и спорт.
На првата фестивалска вечер (13.10.) настапија “BRAMHA” и “NAKED”, на втората (14.10.) ќе се претстават “Пијан славеј” и “Мемфис мафија”, третата финална вечер – “Последниот тон не е крај” (15.10.), е резервирана за “DIATIC” и “MAK BRAS” и за доделување на благодарници за сите поддржувачи на манифестацијата.
Публиката ќе има можност да проследи филмски приказ во 3 дела, за еднодецениското “патување” на фестивалот, кој со својата програма и квалитет, покажа дека е уникатна џез приказна.
Јубилејното фестивалско издание – “10 години звук, 10 години емоција”, средби и музички вечери, има хуманитарен карактер. Средствата се наменети за семејствата на жртвите од трагедијата во дискотека “Пулс” – Кочани.
На настанот присуствуваa претставници од општинската администрација.
Проектот е финансиран од Министерството за култура и туризам на РСМ, во областа на музиката и музичко – сценската дејност, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општина Куманово, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово.