Врз основа на член 2 од Правилникот за утврдување на постапката за прибирање и разгледување на предлог- проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година, донесен од страна на Градоначалникот на Општина Куманово, бр.01-16099/1 од 05.11. 2026 година, Општина Куманово објавува
Ј А В Е Н П О В И К
за прибирање предлог- проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година
Со цел унапредување и развој на културата во Општина Куманово, како и успешна реализација на Програмата за културни манифестации за 2027 година, се повикуваат сите јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат имаат цели, задачи или регистрирана дејност од областа на културата или социјално-хуманитарна дејност, да пројават интерес на овој јавен повик, исполнувајќи ги следниве услови:
- Критериуми
Како подносители на предлог-проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година можат да се јават: јавни установи, здруженија, фондации и други правни лица кои имаат цели, задачи или регистрирана дејност од областа на културата или социјално-хуманитарна дејност, а кои ги исполнуваат следните критериуми:
- да се регистрирани како јавна установа, здружение на граѓани, фондација и други правни лица кои имаат цели, задачи или регистрирана дејност од областа на културата или социјално-хуманитарна дејност, согласно законот
- да се со седиште на територија на општина Куманово како матична општина;
- да придонесуваат за збогатување на културниот живот во општината;
- да придонесуваат за зачувување и афирмирање на материјалното и духовното културно наследство на општина Куманово;
- да го поттикнуваат и афирмираат локалното творештво на локалните уметници;
- да се грижат за унапредување на соживотот меѓу заедниците;
- да обезбедат континуитет на традиционалните културно-уметнички манифестации кои се од локален карактер;
- Потребна документација
Подносителите на барања потребно е да достават Образец за предлог-проект за организирање културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година, кој во себе содржи:
- основни информации за подносителот (име на организацијата, адреса, телефонски број, е- маил адреса, лице за контакт);
- активна трансакциска сметка на здружението;
- краток опис на организацијата, предлог-проект за конкретна манифестација, опис на активностите кои ќе се преземат и придонесот од наведената манифестација;
- потребен буџет како и опис на потребите од буџетот;
- доказ за регистрација за вршење на дејност со седиште на територија на општина Куманово (тековна состојба од Централен регистар), не постар од 6 (шест) месеци.
- Рок и начин на доставување на барањата
Јавниот повик ќе биде објавен на официјалната веб страна на Општина Куманово www.kumanovo.gov.mk ќе трае 15 (петнаесет) дена од денот на објавувањето , односно од 06.11.2026 година заклучно со 26.11.2026 година.
Барањата со целокупната документација се доставуваат во писмена форма до општинската архива со назнака „До Општина Куманово, Одделение за култура и спорт, за Јавен повик од областа на културата 2027 година“.
Еден подносител може да достави еден или повеќе предлог-проекти.
Секој предлог-проект потребно е да биде доставен со посебен образец заведен со посебен архивски број.
Секој предлог- проект се организира на посебен датум, без можност за спојување на еден или повеќе предлог- проекти од ист подносител (организатор) на ист датум.
Предлог – проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година ќе бидат разгледувани од страна на општинска Комисија за разгледување на предлог – проекти за организирање на културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година, формирана од страна на Градоначалникот на Општина Куманово.
Исполнувањето на критериумите за секој предлог- проект поединечно, Комисијата го утврдува со пополнување на Табела за бодирање на предлог – проект.
Бодирањето е составено од пет компонентни и тоа:
- Исполнетост на документација согласно правилник (максимален број на бодови-(15)
- Исполнетост на критериуми (5)
- Целосна документација (5)
- Навремено и целосно доставување на наративен и финансиски извештај од претходна година доколку постои (5)
- Реализација на проектот (максимален број на бодови-35)
- Опис и целисходност на концептот (5)
- Цел на одржување и целни групи (5)
- Временска рамка (5)
- Локација (5)
- Очекувани резултати (5)
- Посетеност (5)
- Континуитет на проектот (5)
- Финансиска конструкција (максимален број на бодови- 20)
- Структура на приходи (10)
- Структура на расходи (хонорари, соработници, патни и транспортни трошоци, организациски трошоци, техничка опрема и сл.) (10)
- Буџет (максимален број на бодови- 20)
- Сопствени средства (5)
- Очекувани средства од општината (5)
- Други извори на финансирање и соработки (5)
- Сооднос помеѓу проценетите трошоци и очекуваните резултати (5)
- Маркетинг (максимален број на бодови- 10)
-покани, плакати, флаери, постери, каталози и сл. (10)
Вкупниот број на бодови кои може да ги освои еден предлог- проект изнесува 100 (сто) бода.
Доколку еден предлог- проект освои под 50 бода истиот ќе се смета за неподобен за негова реализација и истиот нема да биде дел од Програмата за културни манифестации на Општина Куманово за 2027 година.
Предлог- проектите кои ги исполуваат критериумите, а кои ќе бидат од најголем интерес за развој и унапредување на културата во градот ќе бидат дел од Предлог -програмата за културни манифестации за 2027 година.
Програмата за културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година ја донесува Советот на Општина Куманово.
Предлог-проектите кои не ги исполнуваат критериумите нема да бидат предмет на разгледување.
Сите подносители на барањата чии предлог-проекти нема да бидат прифатени ќе бидат поединечно известени по писмен пат.
За предлог-проектите кои ќе бидат дел од Програмата за културни манифестации за 2027 година подносителите ќе потпишат договор за меѓусебни права, обврски и одговорности за финансиска поддршка на културни манифестации предвидени во Програмата на културни манифестации на Општина Куманово за 2027 година, со Општина Куманово.
Важни информации:
Образецот за предлог-проект за организирање културни манифестации во Општина Куманово за 2027 година е во прилог на Јавниот повик и истиот задолжително треба да се пополни.
Секој предлог-проект потребно е да биде доставен со посебен образец заведен со посебен архивски број.
Доколку одреден предлог – проект не е доставен со посебен образец, истиот ќе биде одбиен со образложение – непотполна документација.
Прилог 1: Образец за проекти од областа на култура за 2027 година
Shtojca 1: Formular per projektin nga fusha e kultures 2027