Финалниот буџетски форум на Општина Куманово, во рамки на проектот “Заедници со интегритет”, беше реализиран денеска во Занаетчиски дом.
На завршниот настан беа сублимирани конкретните предлози и идеи во присуство на раководни лица од општинската администрација, секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска и беше извршена финална селекција со рангирање на предлозите, барањата и забелешките од страна на граѓаните, учесници во првите два форума.
Во претходните дискусии беа опфатени областите на: економија, инфраструктура, образование, социјална заштита, животна средина, култура и спорт, кадешто активно се вклучија претставниците од јавните претпријатија и установи, здруженија на граѓани, невладини организации, претставници од бизнис компаниите, членови на Советот на Општината и сите заинтересирани граѓани поединци.
Проектот е финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, го спроведуваат претставниците од Националниот демократски институт (NDI), кои присуствуваа на сите три граѓански форуми, под мотото “Одлучуваме заедно”, за креирање на буџетот на Општина Куманово за 2027 година, во кој ќе бидат застапени реалните потреби и приоритети на жителите на градот.