Учениците од дуални паралелки – дизајнирање и моделирање на облека и обувки, под менторско водство на наставниците од СОУ “Перо Наков” – Куманово, реализираа модна ревија, посветена на одржливата мода, креативноста и подигање на свеста за влијанието на текстилната индустрија врз животната средина. Ревијата е организирана со поддршка на Министерството за образование и наука на РСМ, во рамки на унапредувањето на мултикултурализмот и меѓуетничката интеграција во училиштата. Настанот беше организиран под мотото “Одговорната мода започнува од она што веќе го имаме”, од каде учениците упатија порака до младата популација и пошироката јавност, за влијанието на текстилната индустрија врз животната средина, односно загадувањето со штетни материи и хемикалии: “Биди дел од промената”, “Избери свесно” и “Мисли одржливо!” Преку реупотреба и редизајн на облека, учениците демонстрираа како старите парчиња можат да оживеат и да добијат нова вредност. Пред присутните дефилираа модели поделени во 4 тематски целини, кои ги претставија годишните времиња: пролет, лето, есен и зима. На манифестацијата присуствуваа членови на Советот на Општината и претставници од општинската администрација.





