Денеска во просториите на Општина Куманово се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со актуелната состојба на Депонијата ,,Краста ‘’. На состанокот беа присутни претставници од месно население од с.Пчиња, ТППЕ Куманово, ЈП „Чистота и Зеленило“ – Куманово, ДЗС – Куманово, РЦУК- Куманово, МВР СВР Куманово, Државен инспекторат за животна средина, општинска администрација, членови на ОШЗС и Претседател на Совет на Општина Куманово.
На состанокот, на една единствена точка, членовите на штабот ја разгледаа состојбата на депонијата ,,Краста‘’, при што е констатирано дека во моментот нема активни пожари, како резултат на активна оперативна работа со нанесување на нови слоеви на земја. Истите активности се поздравени и од претставниците на локалното население, кои имаа и излагања на своите барања.
Се дискутираше за превентивно делување и спречување на појава на нови опожарувања, при што проилзегоа повеќе предлози за постапување од страна на јавното претпријатие.
Поради намалување од ризик за појава на еколошка катастрофа на територија на општина Куманово, како и согласно законските обврски за собирање и складирање на смет од страна на ЈП Чистота и Зеленило – Куманово се донесоа следниве заклучоци:
- Сметот од цела територија на општина Куманово, мора да се депонира на депонијата ,,Краста‘’ заради намалување на ризик од загрозување на здравјето на граѓаните на општина Куманово, како и заради заштита на животната средина и извршување на редовна јавна услуга кон граѓаните за собирање, превоз и депонирање на комунален отпад;
- ЈП „Чистота и Зеленило“ Куманово да ги превземе сите потребни мерки согласно пренесени надлежности од Општина Куманово и негова законска обврска за собирање на комунален отпад, негово транспортирање и складирање, согласно Закон за комуналните дејности;
- Доколку е потребно, од страна на МВР – СВР Куманово задолжително да се обезбеди коридор за движење на возила на ЈП „Чистота и Зеленило“ – Куманово, за одложување на смет на депонијата ,,Краста‘’ на места каде што немало пожари во претходните неколку дена, по проценка и претходно доставен допис од јавното претпријатие;
- Да се овозможи на претставници од локалното население од с.Пчиња и с.Студена Бара, увид во фактичка состојба на депонијата ,,Краста“;
- Градежната механизација која што веќе работи деновиве, ќе продолжи да работи со исто темпо;
- Општина Куманово ќе продолжи да се залага за решавање на веќе отпочнатиот процес за санација на депонија „Краста“ и изградба на претоварна станица, пред Министерство за животна средина и просторно планирање и Влада на Република Северна Македонија, со цел, истиот проект да биде забрзан, сметајќи дека на тој начин трајно ќе се реши проблемот со загадување на амбиенталниот воздух којшто доаѓа од депонијата.