Во Занаетчиски дом се одржа промоција на монографијата „100 години КУД Панче Пешев – Куманово“. Свечениот настан се одржа под покровителство на Општина Куманово и Министерство за култура и туризам на РСМ.
На настанот се обратија претседателот на Друштвото Зоран Илиевски и градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, кои ја истакнаа значајната улога на ова Друштво во зачувување, негување и пренесување на македонската традиција, фолклор и културно наследство низ генерациите.
Монографијата ја промовираа авторите и уредници на изданието, м-р Благица Илиќ и доц. д-р Стојанче Костов, оставајќи траен запис за вековното постоење и дејствување на Друштвото.
Во рамките на културно – уметничката програма присутната публика проследи македонски песни и инструментални изведби на народни нумери во придружба на изворниот оркестар и првиот ансамбл, како и рецитал.
Во знак на благодарност за придонесот во развојот и афирмацијата на Друштвото, беа доделени благодарници, плакети и монографија на членови од сите возрасти, покровители и спонзори. Со особена почит беше врачено и постхумно признание на Мирон Спасовски, долгогодишен член на КУД „Панче Пешев“, чиј придонес ќе остане трајно врежан во историјата на Друштвото.
На настанот присуствуваа претседателката и членови на Совет на Општината и претставници на општинска администрација.
Ова културно – уметничко друштво уште еднаш докажа дека посветеноста и љубовта кон фолклорот ја одржуваат македонската култура и идентитет.
