Во рамките на манифестацијата „Тетовско културно лето 2026“, денеска во Тетово се одржа Саем на занаети и автентични вкусови, на кој учествуваа претставници на Општина Куманово, заедно со занаетчии од Регионалната занаетчиска комора.
Кумановските занаетчии ги претставија своите уникатни изработки: пчелни и грнчарски производи, сребрен накит, рачно изработени чанти, кукли, икебани и декоративни украси, промовирајќи го богатото занаетчиско наследство, што се негува во Куманово.
На саемот учествуваа бројни занаетчии од различни заедници од Македонија и регионот, создавајќи простор за размена на искуства, промоција на традиционални занаети и поттикнување на локален економски развој.
Ваквите манифестации имаат особено значење за зачувување на традиционалните вештини, афирмирање на занаетчиството како важен дел од културниот идентитет и поддршка на локалните производители.
Општина Куманово продолжува да ги поддржува иницијативите што придонесуваат за промоција на културното наследство и јакнење на меѓуопштинска и регионална соработка.