Во знак на сеќавање и вечна благодарност кон трагично згаснатите животи, во немилите настани од “Диво насеље”, на 9 и 10 мај 2015 година, делегации на Општина Куманово и Советот на Општината, денеска присуствуваа на панихида во Соборниот храм Св.Никола – Куманово. По црковниот обред, делегациите положија свежо цвеќе пред спомен обележјето во кругот на СВР Куманово, во присуство на бројни делегации од државните институции на локалната самоуправа, граѓански здруженија, организации и семејствата на загинатите полициски службеници. Во нивна чест, денеска ќе се одигра меморијален турнир во мал фудбал, под мотото “Хероите живеат вечно”, во спортската сала на СОУ “Перо Наков” – Куманово.Денешните комеморативни настани ги организираше Синдикалната организација на СПМ СВР Куманово – СПМ, во координација со СВР Куманово – МВР, со цел достојно да се одбележи сеќавањето на паднатите херои, да се упати силна порака до јавноста за заедничката посветеност кон зачувувањето на достоинството на професијата, како и кон вредностите на колегијалност, солидарност и меѓусебна почит.
