Во организација на ООУ “Карпош” – с.Умин Дол од Куманово, вечерва на отворено, се одржа филмска проекција, која имаше хуманитарен карактер. Донираните средства ќе бидат наменети за тековните потреби на училиштето.Публиката во училишниот двор ја проследи премиерата на краткометражниот филм “Ѕвезди”, дело во продукција на членовите на училишната драмска секција. Следуваа и две краткометражни филмски приказни од меѓународниот фестивал “Филмај”, по што присутните имаа можност за дружење и забава. За истакнување е податокот дека младите креативци од драмската секција бележат врвни резултати, во последните две години на локално и национално ниво, освојувајќи награди и признанија.Второто издание на традиционалниот настан е реализирано во соработка со Фото кино клуб “Козјак” – Куманово и “Rural Uma Sto” – Невладина организација за промоција на рурален туризам, од Умин Дол/Ново Село, Куманово. Дел од публиката беа членови на Советот на Општината и претставници од општинската администрација.





