Тридневните традиционални настани во рамки на регионалната платформа за земјоделство, храна, рурален развој, туризам, образование, наука и бизнис: IX Меѓународен саем на органски и традиционални производи – “Органска трпеза 2026” и V Меѓународен саем за земјоделство, технологија, храна и преработки – “Агромак 2026”, започнаа денеска во Куманово, на платото во спортско – рекреативниот центар кај градскиот базен (2-4 октомври).
Манифестацијата е во организација на КОП – Комора на органски производители на Македонија и Здружението за развој на земјоделство и заштита на животната средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет “Живот” – Куманово, со финансиска поддршка на Општина Куманово, преку Одделението за стратешко планирање, креирање политики, следење и локален економски развој (ЛЕР).
Пред учесниците, посетителите, претставници од општинската администрација, високи државни институции, производители и стопанственици од регионот, настанот го отвори претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска, нагласувајќи ја важноста и улогата на земјоделството, како важна алка во економскиот систем, за напредок и просперитет на земјава.
Основна вредност и цел на двата меѓународни саеми е меѓусебно поврзување на индивидуалните производители, компании, институциите во областа на стопанството, образовните и научни установи, туристички организации, здруженија на граѓани и локални заедници.
Во делот на дополнителна програмска целина е сместено и Агро – детско катче, со едукативни, креативни и забавни активности наменети за децата, учениците и семејствата, за да се запознаат со здрава храна, природата, селската средина, пчелите, растенијата, животните и локалната традиција.