Денеска во просториите на Општина Куманово се одржа состанок, на Општинскиот штаб за заштита и спасување, во врска со актуелната состојба на депонијата ,,Краста‘’. На состанокот беа присутни претставници од ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, ТППЕ Куманово, ЈП „Водовод“ Куманово, ДЗС Куманово, РЦУК Куманово, МВР-СВР Куманово, Државен инспекторат за животна средина, Центар за јавно здравје- Куманово, ЈЗУ Општа болница Куманово, Основно јавно обвнинителство – Куманово, општинска администрација и членови на ОШЗС.
Присутните на состанокот ја разгледаа состојбата на депонијата ,,Краста‘’, при што Штабот одлучи да остане на истите заклучоци од вчерашниот состанок и ги додаде дополнително следните:
- Сите институции во рамки на сопствените надлежности а во взаемна координација, да ги превземат сите законски мерки за деблокирањето на депонијата Краста заради непречено одлагање на сметот од градот;
- МВР – СВР Куманово да се отповика на барањето на ЈП „Чистота и Зеленило“ за координираност и отварање на коридор на депонијата ,,Краста‘’ за депонирање на отпад;
- Центар за јавно здравје – Куманово да изготви информација за актуелната состојба и насоки за превентивно делување на Штабот во делот на спречување на евентуалните последици, што би можеле да настанат од нередовното собирање и депонирање на сметот, на територија на Општина Куманово;
- Веднаш со континуирано и константно присуство на градежна механизација, да се врши третирање на депонираниот смет заедно со земја од страна на ЈП „Чистота и зеленило“;
- На дневна основа да се врши дотур на градежен материјал (земја и несогорлив шут при ископ од страна на општествено одговорни компании) и истиот да се разастира над површината на дневно донесениот смет од ЈП „Чистота и зеленило“;
- Дополнително да се постави одреден број на камери за видео мониторинг на депонијата кои ќе покриваат влез, излез и пристап на депонија „Краста“, бидејќи веќе поставените се во недоволен број;
- Да се постават термовизиони камери преку кои ќе се врши дополнителен мониторинг на депонијата;
- Дополнително да се зајакнат стражарски служби и физичко обезбедување на депонијата, за да се спречи влез на неовластени лица;
- Да се санираат делови од уништената заштитна ограда околу депонијата и на делови каде што нема ограда, да се постави нова;
- Се задолжува Директорот на ЈП „Чистота и зеленило“ Куманово, во соработка со месното население, да формира мониторинг група (еко патрола), во состав од претставници на месните заедници и невладини организации во с.Пчиња, с.Студена Бара, с.Вак’в и с. Винце, која во соработка со претставници на јавното претпријатие, ќе врши неделен мониторинг на состојбата на депонија “Краста“;
- Да се изврши дезинфекција на сите локации за собирање на смет, по план и препорака од страна на Центар за Јавно Здравје Куманово;
- Се задолжува ЈП „Водовод“ Куманово, да изврши контрола на сите сливни решетки и шахти за одводнување на атмосферски води а дококу е потребно, чистење, санирање или замена на истите, заради обезбедување на функционалност.