Свечената манифестација посветена на најуспешните спортисти и спортски достигнувања, резултати и натпревари во текот на годината што измина, се одржа вечерва, во Занаетчиски дом, во организација на Општинскиот сојуз на спортови Куманово, под покровителство на Градоначалникот и Советот на Општината.Во пригодна атмосфера пропратена со музичка содржина, во знак на благодарност за нивното вложување, постигнати резултати и успешно претставување во земјава и странство, на најдобрите спортисти им беа доделени плакети и признанија во повеќе категории, во женска и машка конкуренција: деца на возраст до 14 години (најмала категорија), младинци (средна категорија) и сениори (возрасна категорија).Беа наградени најдобрите тренери, клубови, наградата за најуспешен меѓународен спортист ја понесе фудбалскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски, а за животно дело, големата плакета му припадна на боксерскиот великан, Ергин Салиевски. На денешната промоција, се израдуваа и најмалите спортисти од основните општински училишта, кои добија плакети од страна на Општинскиот сојуз на училишен спорт Куманово – ОСУСК.Наградите ги доделија претседателот на ОССК, Филип Колевски, кој ги поздрави присутните, упатувајќи им честитки на најуспешните спортисти, кои застанаа на пиедесталот и ја почувствуваа победничката еуфорија на бројни натпревари, со пофални зборови ја изрази гордоста на сите граѓани и мотивацијата за идните генерации, да продолжат по “трасираните спортски патеки”, раководителот на Сектор за образование од Општина Куманово, Александар Јовановиќ, член на Советот на Општината, Дарко Митевски и други истакнати спортски работници и претставници од администрацијата.