Денеска во СОУ – Гимназија “Гоце Делчев” пригодно се одбележаа 154 години од раѓањето на патронот на училиштето, македонскиот визионер и борец за слободна и независна Македонија, Гоце Делчев.
Со достојна почит кон националниот херој и револуционер, делегации од Општина Куманово и Советот на Општината, положија свежо цвеќе на бистата.
Со кратка пригодна програма беше искажана благодарност за вечното дело на предводникот на македонското револуционерно националноослободително движење. Неговото залагање во борбата за самобитност на македонскиот народ останува значаен момент во македонската историја.
Да го негуваме неговиот аманет, со должност да ја чуваме државата, во која ќе расте просперитет и развој на сите општествени сфери за доброто на граѓаните.