Денеска во просториите на Општина Куманово се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување по предлог од РЦУК – Куманово, со една точка на дневен ред: Разгледување на оперативната состојба на терен по временската непогода, прогресот во санација на инфраструктурните штети и прекини во снабдувањето со електрична енергија.
На состанокот присуствуваа секретарот на Општина Куманово, претставници на Општината, ТППЕ – Куманово, АРМ, ЕВН, РЦУК, ЈП “Национални шуми” Подружница Куманово, ЈП “Чистота и зеленило”, ЈП “Водовод”, ДЗС – Куманово, ЈЗУ Општа болница – Куманово, началници на ОШЗС.
Во рамки на единствената точка од дневниот ред, од страна на претставник на ЕВН Македонија беше презентиран детален извештај за техничко-оперативниот статус на електродистрибутивната мрежа. Поради силниот ветер беа регистрирани приближно 400 дефекти на дистрибутивната мрежа од различен обем. Врз основа на интензивните теренски интервенции и мобилизацијата на сите дежурни екипи, до овој момент успешно се отстранети 342 дефекти, со што е нормализирано снабдувањето во поголемиот дел од погодените реони. Оперативните тимови продолжуваат со непрекината работа на терен за целосно санирање на преостанатите дефекти и деблокирање на критичните точки.
ЈП Чистота и Зеленило – Куманово и ЈП Национални Шуми подружница Куманово активно работат на терен во врска со остранување на паданти дрвја и други материјали.
На состанокот беа донесени следниве заклучоци:
- Се упатува јавен апел до сите жители на руралните средини, како и до органите на месните заедници, за активна граѓанска самоорганизираност и вклучување во процесот на санација. Се препорачува ставање на располагање на сопствената механизација, моторни пили и соодветна опрема, со цел асистирање при отстранувањето и расчистувањето на паднати стебла, кои го блокираат локалниот патен правец и ја загрозуваат безбедноста во населените места.
- Се задолжува Комисијата за утврдување на потреба за сечење, односно кастрење на оштетено дрво при Општина Куманово итно да спроведе сеопфатен теренски увид на сите јавни површини, со цел детекција и заштитна проценка на стебла кои претставуваат непосредна опасност. По извршената инспекција, Комисијата е должна да донесе соодветни одлуки за нивно навремено кастрење или целосно отстранување.
- Се апелира до сите граѓани, доколку забележат стебла или конструкции на јавни и приватни површини кои се нестабилни и склони кон паѓање, без одложување да поднесат барање или пријава до надлежните општински служби на Општина Куманово, со цел навремена превентивна интервенција и спречување на дополнителни материјални штети или опасност по животот на граѓаните.