
Отсек за превенција СВР – Куманово во соработка со Општинскиот совет за превенција на детско претстапништво, спроведе превентивна кампања под мотото „Безбедно на мотор и тротинет – Носи кацига“.
Кампањата беше насочена кон возачите на велосипеди со помошен мотор, мотоцикли и електрични тротинети, со цел да се подигне свеста за важноста од користење на заштитна кацига, како клучен фактор за лична безбедност во сообраќајот.
Во рамки на активноста, на учесниците во сообраќајот им беше укажано дека носењето заштитна кацига не е само законска обврска, туку и најефикасна заштита од тешки повреди при сообраќајни незгоди. Истовремено беше упатен апел до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и законската одредба дека со лесно електрично возило може да управува лице, кое има наполнети 18 години.
Со ваквите превентивни активности, институциите продолжуваат да ја подигаат јавната свест за одговорното учество во сообраќајот, со цел поголема безбедност и заштита на сите учесници во сообраќајот.