Делегација на Општина Куманово заедно со претставник на партнерската организација СмартАП – Лабораторија за социјални иновации од Скопје, учествуваше на студиска посета во регионот Валенсија – Шпанија, посветена на размена на искуства и практични решенија за намалување на ризици од поплави, справување со екстремни горештини и зајакнување на климатската отпорност на градовите.
Посетата се реализираше во рамките на Програмата за меѓународна урбана и регионална соработка (IURC), како дел од Заедницата на практики за адаптација кон климатските промени, со учество на претставници од Јапонија, Нов Зеланд, Бугарија, Индија и Германија.
Учеството е дел од проектот „Resilient Kumanovo: Building Kumanovo’s Climate Readiness“, што Општина Куманово го координира во партнерство со СмартАП, во рамките на програмата Pathways2Resilience, со цел подготовка на Стратегија за климатска отпорност, Акциски и Инвестициски план.
Во рамките на посетата беа реализирани стручни сесии, работилници и теренски посети посветени на управувањето со атмосферски води, превенција од поплави, користење на климатски податоци и решенија засновани на природата. Делегацијата ги посети Опсерваторијата за климатски промени во Валенсија, резервоарот за привремено задржување атмосферски води во Кабанјал, природниот парк Албуфера и паркот Ла Мархал во Аликанте.
Стекнатите искуства ќе придонесат во подготовка на стратешките и планските документи на Општината и во разгледување на соодветни решенија за локалните климатски предизвици, особено во делот на поплавите и управувањето со атмосферските води.