Во Занаетчискиот дом денеска се одржа вториот буџетски форум на Општина Куманово, во рамки на проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а спроведуван од Националниот демократски институт (NDI).
На настанот присуствуваа секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, членови на Советот, претставници од општинската администрација, јавните претпријатија и установи, граѓански здруженија, невладини организации, бизнис секторот, како и заинтересирани граѓани.
Вториот буџетски форум претставува продолжение на процесот на транспарентно и инклузивно креирање на буџетот на Општина Куманово за 2027 година. Присутните имаа можност да ги изнесат своите предлози, идеи и сугестии, како и да посочат приоритети и потреби од значење за локалната заедница.
Во рамки на буџетските форуми се дискутира за повеќе области, меѓу кои економски развој, инфраструктура, образование, социјална заштита, животна средина, култура и спорт.
По одржувањето на првите два форума, на третиот форум, закажан за 03.11.2026 година, ќе следува финална селекција и рангирање на предложените проекти и активности.
Целта на овие средби е да се поттикне директното учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки и да се обезбеди буџет кој ќе ги одразува реалните потреби и приоритети на жителите на Општина Куманово.