Согласно со јавниот награден конкурс за домаќинства кои спровеле мерки за енергетска ефикасност во домот, во соработка меѓу Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко свест – Скопје и Општина Куманово, денеска се одржа завршен настан на јавната кампања – доделување на награди во вид на вредносен ваучер за производи, што придонесуваат за енергетска ефикасност на одреден објект (топлинска изолација на надворешни и внатрешни sидови, ЛЕД светилки за помала потрошувачка на електрична струја, мерачи за потрошувачка на електрична енергија корисни за мерење на моменталната потрошувачка на приклучениот уред, паметни приклучоци кои помагаат при далечинска контрола, заштеда на електрична енергија и автоматизација на обични апарати во домот и слично). Беа доделени 5 награди на граѓани на Куманово, од кои една е главна награда.
Целта на конкурсот е да се промовираат мерките и постигнатите економски, социјални и еколошки придобивки во интерес на граѓаните.
На завршниот настан присуствуваа секретарот на Општина Куманово Емилија Сларидис Јаневска, раководител на Одделение за заштита на животната средина и природата Александра Георгиевска Протиќ, програмски координатори за енергија и клима во Еко свест Жарко Конески и Елена Николовска.