Во Занаетчиски дом се одржа проекција на документарниот филм „Мојот син“, посветен на животот и споменот на прерано починатиот Филип Стевановски.
Филмското остварување, исполнето со љубов, емоции и длабока лична посветеност, претставува трајно сведоштво за еден живот, уметнички дух и творечка вредност, што продолжуваат да живеат преку спомените и уметноста.
Сценариото, текстот, режијата и монтажата се дело на Маријан Стевановски, додека нарацијата е на Илија Волчески.
Квалитетот на филмот е потврден со престижните награди ГРАНД ПРИ „Камера 300“ и ГРАНД ПРИ ПЛАКЕТА „Милтон Манаки“.
Како еминентен и талентиран музичар, педагог, композитор, аранжер, продуцент и текстописец, добитник на престижни признанија, Филип Стевановски со својата работа и несебична посветеност во музичката едукација остави значаен белег во македонскиот културен живот, придонесувајќи за создавање нови музички генерации и афирмација на културното творештво, како достоен амбасадор на македонската култура во земјава и пошироко.