Традиционалната манифестација која низ годините стана препознатлив белег на Куманово, место каде се промовира фотографската уметност, започна вечерва во Занаетчиски дом, во организација на Фото клуб “Куманово”, со поддршка на Општината и Фондацијата за култура и спорт Куманово, под покровителство на Министерството за култура и туризам на РСМ.
Меѓународниот фото фестивал ги обединува авторите на фотографијата, љубителите на уметноста и публиката, преку изложби, проекции, средби и дружења, создавајќи уникатна сцена, каде фотографијата зборува искрено, силно, универзално и автентично.
Со свеченото отворање на 11 издание на тридневниот традиционален фестивал, започна визуелната приказна со разновидна палета на активности и изложени дела, на задоволство на посетителите, кои ќе имаат можност да присуствуваат на фестивалските поставки во Куманово и Крива Паланка (29-31 мај 2026 год.), на 10 тематски настани, со вкупно 30 излагачи.
Присутните на отворањето ја проследија самостојната изложба на Виктор Трајковски (Македонија), фото проекциите на македонските автори Марјан Скрижевски и Михаил Бутнејски, Мирослав Петровиќ и Борислав Благојевиќ од Србија, Михаил Дамјанов и Тоти Баџаков од Бугарија и турските уметници Огуз Мирач Сонмез, Хатиџе Ефе, Јекта Џошкунсу и Еркан Динч. Првата вечер заврши со промоција на книгата “Во контра светло” на Зоран Ѓорѓевиќ.



