Во салонот на Уметничката галерија при НУ Музеј – Куманово, вечерва беше отворена интернационалната изложба на уметничка фотографија „Фото салон 2026“, во организација на кумановскиот Фото кино клуб „Козјак“, со поддршка на Општина Куманово.
На јубилејното, 20. издание на изложбата учествуваа 300 автори од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Полска и Швајцарија, со вкупно 1.544 фотографии. Учесниците се натпреваруваа во четири категории: слободна тема – црно-бела фотографија, слободна тема – фотографија во боја, портрет и природа.
Интернационалната жири-комисија додели 86 награди во три категории: салонска награда, награда „Живко Јаневски“ и награда на Фото сојузот на Македонија. Во рамки на категориите беа доделени златни, сребрени и бронзени медали, како и дипломи, за фотографските достигнувања и творечкиот ангажман на учесниците.
„Фото салон 2026“ претставува значаен меѓународен културно – уметнички настан, кој ја промовира и афирмира фотографската уметност, го поттикнува творештвото и овозможува размена на уметнички идеи и искуства меѓу авторите од различни земји, придонесувајќи за збогатување на културниот живот во Куманово.
За најуспешен автор на „Фото салон 2026“ беше прогласен Слободан Чавиќ од Србија.