11 Октомври бб, 1300 Куманово • (031) 475-800
Република Северна Македонија

Општина Куманово

Новости

Пригодна прослава во чест на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово

Пригодна прослава во чест на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово

Со пригодна манифестација на Спомен Костурница, пред споменикот на паднатите борци од Народноослободителната борба, денеска беше одбележана 82-годишнината од ослободувањето на градот под Козјак, Куманово, во организација на Фондацијата за култура и спорт Куманово, со поддршка на Општината.

Во чест на хероите кои ги положија своите животи за слобода, мир и достоинство на идните поколенија, бројни делегации положија свежо цвеќе и се поклонија пред споменикот: делегации на Сојузот на борци од Народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија (1941–1945) и граѓани продолжувачи – Општински одбор Куманово, градоначалникот на Општина Куманово, членови на Советот на Општината, претставници на ЗАПВАРС, од високи државни институции, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, од  Министерството за внатрешни работи, амбасадори и претставници на дипломатскиот кор, делегации од збратимените градови и соседните општини, јавни претпријатија и установи, основни и средни училишта, здруженија на граѓани, политички партии и други организации.

Во рамки на пригодната културно-уметничка програма, ученички од ДСУ РЦСОО „Киро Бурназ“ – Куманово, настапија со рецитал, посветен на слободата, револуционерниот дух и љубовта кон татковината, потсетувајќи на вредностите за кои се бореле генерациите пред нас.

За историското значење на 11 Ноември, ослободителната борба и придонесот на борците во создавањето на слободно Куманово, пред присутните се обрати претставник на Општинскиот сојуз на борци – Куманово.

11 Ноември е дел од историскиот идентитет на Куманово, ден кога со гордост се сеќаваме на минатото и со одговорност гледаме кон иднината.

 

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email