Во рамки на кампањата „Куманово Мој Зелен Дом“ повод 5 Јуни – Светски ден на животната средина , Одделението за животна средина во соработка со ЈП „Чистота и Зеленило“ реализираше низа активности насочени кон подигнување на еколошката свест и промовирање на одговорен однос кон животната средина.
Во рамки на одбележувањето беше организирана едукативна активност во детската градинка ЈОУДГ „Пчелка“, каде најмладите преку интерактивни содржини и разговори се запознаа со важноста на заштитата на животната средина, правилното селектирање на отпадот и зачувувањето на природните ресурси.
Дополнително, во ООУ „Магдалена Антова“ беше одржана едукативна работилница од страна на експертот за управување со отпад Билјана Јовчевска. Преку интерактивна презентација и дискусија, учениците имаа можност да се запознаат со значењето на правилното управување со отпадот, рециклирањето и улогата на секој поединец во зачувувањето на животната средина.
Како дел од активностите, поставени се и пет контејнери за собирање на електричен и електронски отпад, со што се создаваат подобри услови за правилно одлагање на овој вид отпад и се придонесува кон намалување на неговото негативно влијание врз животната средина.
Преку овие активности, кампањата „Куманово Мој Зелен Дом“ продолжува да ја поттикнува еколошката свест кај граѓаните и да промовира конкретни мерки за заштита и унапредување на животната средина.
Апелираме до сите граѓани активно да придонесуваат за зачувување на животната средина преку одговорно постапување со отпадот, одржување на јавната чистота и грижа за природата. Чистата животна средина е заедничка одговорност и зависи од сите нас. Само со заеднички напори можеме да создадеме почисто, позелено и поубаво Куманово за сегашните и идните генерации.
