Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски денеска оствари средба со одбојкарките, претседателот и тренер на Женскиот одбојкарски клуб Куманово Горан Станиќ, како и спортскиот новинар Марјан Стошевски.
Повод за средбата е нивниот престој на подготовки на Златибор. Раководството на клубот сподели импресии од гостопримството на претседателот на Општина Чајетина Милан Стаматовиќ, кој ги повикува кумановските спортски клубови и културни здруженија за отворена соработка, по примерот на ЖОК. Одбојкарките реализираа заеднички тренинзи и контролни натпревари со ЖОК Златибор – Чајетина, стекнувајќи нови спортски искуства и пријателства. Беше потенцирана претстојната спортска соработка и подготовки на ЖОК во Херцег Нови, Црна Гора.
Градоначалникот упати честитки до младите спортистки за посветеноста и достојното претставување на нашиот град, истакнувајќи дека вакви спортски соработки придонесуваат за развој на младите и зајакнување на врските меѓу збратимените општини.
Општина Куманово продолжува да го поддржува спортот како мост на пријателство и успех, а партнерството меѓу двата клуба и братските општини ќе продолжи да се развива и во иднина.





