11 Октомври бб, 1300 Куманово • (031) 475-800
Република Северна Македонија

Општина Куманово

Новости

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и КФМ

Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Општина Куманово и КФМ

Во насока на продлабочување на досегашната успешна соработка и заедничката определба за унапредување на кошарката и спортот, денеска градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија Томе Главчев потпишаа Меморандум за соработка.

Со Меморандумот се потврдува заедничкиот интерес за создавање долгорочно партнерство меѓу Општина Куманово и КФМ, насочено кон унапредување на условите за организација на домашни и меѓународни кошаркарски натпревари и спортски манифестации во градов.

Соработката има за цел дополнително да ги афирмира спортските вредности, да придонесе кон развој на кошарката и да го промовира Куманово како град со богата спортска традиција.

Во рамките на договорената соработка, двете страни ја изразија заедничката намера Супер купот на Македонија во машка и женска сениорска конкуренција да се организира во Куманово, на 26 или 27 септември 2026 година.

Дополнително, согласно Меморандумот, во рамките на двегодишниот период на соработка, Куманово ќе биде домаќин и на завршните натпревари од Купот на Македонија во 2027 и 2028 година, во машка и женска сениорска конкуренција. Ова ќе биде потврда за капацитетите и потенцијалот на Куманово за организација на натпревари од највисок ранг.

Потпишувањето на Меморандумот претставува уште еден чекор во насока на јакнење на партнерството меѓу Општина Куманово и КФМ и создавање нови можности за промоција на кошарката, спортот и градот Куманово.

По потпишувањето на Меморандумот, градоначалникот и претседателот на КФМ ја посетија спортската сала во Куманово, каде што ќе се одржуваат натпреварите, при што беа разгледани условите и капацитетите за организација на првенствата.

Општина Куманово континуирано вложува во реконструкција, модернизација и унапредување на спортските капацитети, со цел создавање подобри услови за спортистите, спортските клубови и граѓаните, но и за привлекување и организација на значајни домашни и меѓународни спортски натпревари.

 

Facebook
X
LinkedIn
Print
Email