Во чест на словенските просветители, солунските браќа Свети Кирил и Методиј, денеска во Занаетчиски дом, се одржа ученички видео натпревар “Од азбука до алгоритам – приказни што живеат”, во организација на Здружението на просветни работници Куманово, со поддршка на Општината.
Kултурната манифестација со пригодни зборови ја отвори и претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, во присуство на претставници од општинската администрација и претставници од општинските образовни институции.
На натпреварот учествуваа ученици од основните и средните училишта, кои преку креативен пристап го интерпретираа ликот и делото на просветителите, нивната улога во создавањето на словенската писменост и значењето на нивното наследство во денешното дигитално општество. Учесниците преку различни форми на изразување – глума, нарација, анимација и визуелно раскажување, ја истакнаа својата способност за поврзување на традицијата со современиот начин на комуникација.
Видеата ги оцени тричлена жири комисија, според јасно утврдени критериуми, а резултатите беа презентирани транспарентно по категории.
Најдобрите видеа ќе бидат наградени, а признанијата ќе се доделат на свечената седница на манифестацијата “Просветители за идни генерации”, на 2 јуни 2026 год., во чии рамки се реализирани денешните активности.








