Здружението на просветни работници Куманово ја одржа свечената прослава, на која беа прогласени најдобрите просветни работници на Општина Куманово за 2026 година, вечерва во Занаетчиски дом. Претседателката на Советот на Општината, Ивана Ѓорѓиевска со пригодни зборови ја отвори манифестацијата, упатувајќи честитки до наградените наставници, во присуство на членови на Советот на Општината, претставници од општинската администрација, од образовните институции, родители и ученици.
Овогодинешните лауреати добија признанија во три категории:
– Ирена Анастасовска – одделенска настава, учителка во ООУ “Кочо Рацин”- Куманово,
– Дафина Јакимовска – предметна настава, наставничка по математика, во ООУ “Браќа Миладиновци”- Куманово,
– Елена Марковска, за средно образование, наставничка по англиски јазик, во СОУ Гимназија “Гоце Делчев”- Куманово.
На свечената седница беа доделени дипломи на најуспешните ученици и нивните ментори и пофалници за сите учесници од основните и средните училишта, на видео натпреварот „Од азбука до алгоритам – приказни што живеат“, во чест на просветителите, Свети Кирил и Методиј. На манифестацијата во знак на благодарност и почит, постхумни признанија за трајни вредности во просветителската дејност, им беа доделени на членовите на семејствата на Слаѓан Станковиќ – Битрак, просветен работник на Општина Куманово за 2025 год. и Лидија Николовска – Георгиевска, претседателка на Сојузот на просветни работници и поранешна претседателка на Здружението на просветни работници Куманово. Програмата беше збогатена со музичка изведба, инструментални нумери од класичната уметност, хорски настап со македонски песни и модерен балет.










