Со пригодна увертира започна првиот фестивал на кинеската филмска продукција во Македонија, вечерва во Занаетчиски дом, Куманово.
Пред присутните со свечен говор се обрати амбасадорот на НР Кина во РС Македонија, Н.Е. Jiang Xiaoyan, нагласувајќи дека ваквите релации на културна размена и емоциите пренесени на филмското платно, секогаш ќе бидат мостови на пријателство и соработка, меѓу двата народа, кои имаат богата традиција и заземаат видно место во светската кинематографија. Амбасадорката со особена чест, ги потенцираше македонските остварувања “Пред дождот” и “Медена земја”, кои предизвикаа огромно внимание на значајни интернационални манифестации.
Пред публиката се обрати и раководителот на Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита од Општина Куманово, Дејан Стојановски, прогласувајќи го за отворен фестивалот, со филмското оствaрување “Сонцето изгрева над сите нас” (Тhe sun rises on us all).
Партнер на проектот и организатор е EU China film festival, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт Куманово и Општината.
На наредните фестивалски вечери (7 и 8 октомври), ќе бидат прикажани филмските дела: Monster Hunt, When the night meets light, Monster Hunt 2 и Like a Rolling Stone.