Амбасадорот на Руската Федерација во посета на Општина Куманово
Градоначалникот Максим Димитриевски денеска оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија Н.Е. Баздникин Сергеј Александрович. Средбата е во рамките на Меѓународната конференција на тема „Русија – Северна Македонија: јазик, историја, култура, образование“. По тој повод во посета на општината беа и учениците и професорите вклучени во проектот за соработка помеѓу Гимназијата „Гоце Делчев“ од Куманово и Гимназијата No.13 Невски реон од Санкт Петербург.
Годинава кумановската гимназија беше домаќин и организатор на Меѓународната конференција која се одржа во Занаетчискиот Дом, под покровителство на градоначалникот и Секторот за образование при Општина Куманово.
На настанот свој поздравен говор имаше градоначалникот Максим Димитриевски, амбасадорот Баздникин Сергеј Александрович, а пред присутните се обрати и директорката на гимназијата „Гоце Делчев“ Марија Тодоровска. Во програмата на конференцијата беше опфатена богата содржина од музички изведби, поеми, говори за особеностите на воспитната дејност, реализацијата на проекти и руско-македонската соработка. Во рамки на Меѓународната конференција свечено беа доделени дипломи и награди за победниците на XII Меѓународен Фестивал за детско литературно творештво, кој беше организиран од Комитетот за образование, култура, младинска политика и печат при Владата на Санкт Петербург.