Демант на градоначалникот на Општина Куманово Димитриевски во врска со информацијата на партијата Левица
Од името на Општина Куманово целосно ги отфрлам изнесените податоци, кои се објавени во јавноста од страна на партијата Левица. Одговорно сакам да потврдам дека се работи за неточни и невистинити податоци, кои се однесуваат на барани количини при распишување на тендерска постапка за потребите на Општина Куманово, за набавка на прехранбени продукти и пијалоци. Овие количини се објавени и достапни на сајтот на Биро за јавни набавки за претходните три години. Се работи за рамковни барани податоци во тендерската спецификација, а не како што е објавено дека се потрошени количини од страна на Општина Куманово. По склучување на Договорите Општина Куманово ги нема искористено во целост количините на производите, кои се наведени во објавените податоци. Единствен производ, кој е максимално искористен од потпишаните Договори е набавка на вода, која Општината ја користи за сопствени потреби, за потребите на Совет на Општината, за сите предвидени и одржани манифестации, чиј покровител е Општина Куманово, како и за спроведување на процесот на вакцинација на населението во текот на 2021 година. Согласно почетокот на пандемијата со КОВИД-19 и донесените заштитни мерки и протоколи за граѓаните на РСМ, беше искористена доволна количина на флаширана вода, со цел максимално почитување на протоколите за заштита од корона вирусот. Што се однесува до другите производи, не се зема количината која е распишана, туку се земаат сукцесивно оние производи за кои има потреба Општината. Договорите се потпишани со важност од 1 година, а не до вредносно искористување на Договорот, што значи дека голем дел од производите Општина Куманово не ги набавила. Инаку што се однесува до податоците за алкохол, тие воопшто не се точни, ниту како бројка, ниту како количина (395 л), а од искористените количини најголем дел е вино, кое се користи како репрезентативен материјал на Општината при работни посети на делегации и гости на Општина Куманово. Истото важи за податоците за кафе и шеќер, кои воопшто не одговараат, ниту како бројка ниту како количина, бидејќи при презентирање на податоците од нивна страна се помешани мерните единици за количините. Имено, партијата Левица во ниту еден момент се нема обратено до ниту еден Сектор при Општина Куманово, со цел да побара податоци и да добие соодветни и точни одговори на прашањата, за кои имаат интерес. Во оваа прилика сакам да потенцирам дека Општина Куманово останува транспарентна, отчетна и посветена институција, која е отворена за сите граѓани, без разлика на нивната национална или политичка припадност. Работиме во интерес на сите граѓани, со намера да им излеземе во пресрет за решавање на проблеми и добивање на одговори од сите општествени сфери. Целосно ги демантирам искажаните податоци, кои се изнесени во јавноста како неиздржани и невистинити.