Кумановски приказни низ историјата
Со пригодна културно – уметничка програма денеска во Занаетчиски дом – Куманово беше одбележан јубилејот 150 емисии, кои го отсликуваат градот под Козјак низ историјата, приказни поврзани со настани и личности, кои дале свој белег на збиднувањата во Куманово.
На манифестацијата пред многубројната публика се обрати градоначалникот на Општина Куманово, кој ја истакна важноста на остварените дела, како сведоци за минатото на градот и неговите граѓани кои ги почитувааат своите корени. Воедно од името на Општината на учесниците во емисиите им беа доделени симболични подароци.
Циклусот од 150 остварувања е потпишан од нашиот сограѓанин Марјан Стошевски, уредник и автор на емисиите, со техничка поддршка од ТВ Плус Куманово.
Низ четиригодишен временски период авторот се дружеше со личности од различни професии, соговорници кои раскажуваа за познати настани, врвни достигнувања, анегдоти, спортски и културни манифестации. Продефилираа професори, лекари, уметници, музичари, спортисти, кои документирано со слики и видео снимки, низ муабет го ткаеја колажот на кумановското минато, чаршијата, кафеаните, спортските терени и традиционалните фестивалски вечери на песна, шега, театарски претстави…