Промовирани делата на Божурски-плод на нескротлива последица на бегство од апатичност и административна потиснатост на креативните импулси
По повод 18 Мај, Меѓународен ден на музеите денеска се одржа промоција на монографиите: „Добри Трендафиловски Добрин“, „Исени Реџаи“, „Ѓорѓе Шијаковиќ“ и „Димитар Стојчевски“, објавени во рамките на ретроспективно-монографските изложби на уметниците, како и книгите „Арт Мемориам“ и „Наива“со опфатени триесеттина автори, кои припаѓаат на нашата наивна уметност, од авторот Гоце Божурски. Тој е познат како уметник преку континуираното присуство на ликовната сцена, потврдено со триесеттина самостојни и многубројни групни изложби во нашата држава и надвор од неа. Автор е и на бројни осврти и критики кон творештвото на бројни македонски автори. Овие дела ги промовираа: проф. д-р Дита Старова Ќерими, професор на Факултетот за архитектура и дизајн при УАКС, проф. д-р Маја Јакимовска Тошиќ, професор на Институтот за македонска литература, м-р Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка во Владата на РСМ и Никола Гелевски, директор на книгоиздателството „Темплум“. Професионалниот интерес на Божурски оди во насока на реоткривање на автори, кои во југословенски, но и меѓународен контекст се познати, афирмирани и прифатени. На промоцијата присуствуваше секретарот на Општина Куманово Александар Гелевски.