Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Во посета на општина Куманово бригадниот генерал Аристеидис Илиопоулос, командант на бригадата за Југоисточна Европа

Денеска во прва официјална посета на општина Куманово беше бригадниот генерал Аристеидис Илиопоулос, командант на бригадата за Југоисточна Европа, придружуван од полковник Владимир Стојановски, највисок претставник од Армијата на Република Северна Македонија во командата на СЕЕБРИГ. На средбата Градоначалникот Димитриевски ја претстави општина Куманово, каде што оваа бригада ќе престојува наредните шест години, а се разговараше и за можноста за идна цивилно-воена соработка. Градоначалникот во оваа прилика им посака добре дојде на претставниците на армиските сили и го нагласи високото ниво на соработка на општина Куманово со АРСМ, посакувајќи тоа да биде пример во понатамошната соработка со СЕЕБРИГ бригадата. Генералот Аристеидис Илиопоулос ја објасни и елаборираше мисијата на СЕЕБРИГ, која има хуманитарна мисија, во делот на справување со кризни ситуации и елементарни непогоди, а има за цел да го подигне нивото на соработката помеѓу Армиите во регионот под мотото “Еден тим, една мисија”. Бригадата на Југоисточна Европа е формирана во 1999 година, врз основа на договорот за регионална соработка на полето на одбраната познат како договор за Мултинационални мировни сили на Југоисточна Европа (ММСЈИЕ), кој во 1998 година во Скопје го потпишаа министрите за одбрана на: Албанија, Бугарија, Грција, Италија, Северна Македонија, Романија и Турција.

 

Врати се на врвот
Големина на фонт
Боја на контраст