Демант: Општина Куманово во целост ги отфрла обвинувањата на Левица, локален огранок Куманово за селективен отпис на долгови за комунална такса и фирмарина
Општина Куманово во целост ги отфрла обвинувањата на Левица, локален огранок Куманово за отпис на парични побарувања по основ на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија и данок на имот за физички и правни лица.
Предлог – одлуката за отпис на побарувања по основ на комунална такса за фирма, односно назив на деловна просторија ( заклучно со 2018 година) и данок на имот за правни и физички лица ( заклучно со 2012 година) е поднесена и донесена односно изгласана од Советот на Општина Куманово на транспарентен и законски начин, претходно елаборирана од страна на Раководителот на Сектор за даноци и такси.
Со оваа одлука , поради апсолутна застареност ( член 84, 85 и 85- а од Закон за даноците на имот и член 552-а, 552- б и 477 од Законот за трговски друштва а се однесува на комуналната такса) се врши траен отпис на даноци и такси во износ од 77.917.805,00 ден. ( седумдесет и седум милиони, деветстотини и седумнаесет илјади и осумстотини и пет денари).
Општина Куманово, конкретно Сектор за даноци и такси ги има превземено сите законски дејствија за да ги наплати побарувањата почнувајќи од Решенија, опомени за истите, решенија за блокади на домашна адреса и крајно решенија за присилна наплата во банки.
Бидејќи се исцрпени сите законски, правни рамки и можности за наплата а субјектите се избришани во Централен регистар и не постојат, побарувањата се нереални, односно фиктивни, Општината односно Совет на Општина Куманово ја донесе оваа одлука со 22 гласа За, 1 Против и 3 Воздржани.
Не постои селективен пристап како што наведуваат во соопштението на Левица, огранок Куманово, едноставно станува збор за побарувања кои се ненаплатливи, а се водат во сметководствената евиденција, истите се апсолутно застарени и со нив се доведува во прашање и самата реализација на буџетот, така да нивниот отпис е неопходен.
Општина Куманово работи законски, транспарентно, неселективно и е отворена за сите еднакво и рамномерно.
Општина Куманово,
Сектор за даноци и такси