ООУ „Бајрам Шабани“ – Куманово доби сензорна соба
Преку проектот “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” денеска во ООУ “Бајрам Шабани”-Куманово беше отворена сензорна соба. Овој проект е финансиран од ЕУ, а го спроведуваат Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“-Скопје во партнерство со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“-Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост„Хендимак“-Тетово. Отворањето на сензорната соба се реализира со поддршка од МОН, Општина Куманово и приватни лица. Опремена е со различни алатки за визуелна, аудитивна и тактилна стимулација при учењето, како и подобрување на фината и грубата моторика. Ќе се користи за индивидуална поддршка и едукација на ученици со попреченост, со цел да се подобри совладувањето на образовните цели, индивидуализирани за учениците кои поради својата попреченост не напредуваат со истата динамика како останатите ученици. “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”активно работи на подобрување на можностите за образование на децата со попреченост и придонесува за развој на инклузивен систем на основно образование, кој е отворен за сите и обезбедува висококвалитетна настава и осмислени можности за сите ученици со попреченост и на тој начин ја зајакнува нивната социјална и образовна инклузија. На отворањето присуствуваа заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу, претседателката на Совет на Општина Куманово Ивана Ѓорѓиевска, членови на Советот и претставници на општинска администрација.