Skip to content Skip to main navigation Skip to footer

Демант на Градоначалникот на општина Куманово Димитриевски на изјавата на членот на ДКСК – Нури Бајрами

НАОДИТЕ НА ДКСК СЕ ПОГРЕШНИ ПОРАДИ НЕЦЕЛОСНА И ПОГРЕШНО УТВРДЕНА ФАКТИЧКА СОСТОЈБА, ВО ОПШТИНА КУМАНОВО НЕ ПОСТОИ ЗЛОУПОТРЕБА СО СРЕДСТВА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА СПОРТ ТУКУ СПОРТОТ КОНТИНУИРАНО СЕ РАЗВИВА ВО ИНТЕРЕС НА ГРАЃАНИТЕ

Целосно ги отфрламе како неосновани изнесените ставови и заклучоци на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) во врска со наводна злоупотреба на службената должност при распределба на средства за реализација на Програмата за развој на спортот и рекреативните активности на граѓаните во Општина Куманово за 2019 година.Вчерашните заклучоци на седницата на ДКСК што се однесуваат на овој „наводен“ случај се неосновани и поради тоа ќе поведеме постапка пред други надлежни органи за утврдување на реалната вистина.Комисијата погрешно ја има утврдено фактичката состојба по наведениот предмет по основ на пријавата и со ваквиот заклучок кој што до денеска не е објавен во јавноста, а е објавен од страна на неколку медиуми врз основа на изјава на член на комисијата со што изнесува невистини и наводни клевети во јавноста против работењето на Општината, Градоначалникот и други субјекти и лица. За да бидат нештата појасни, на 20 јануари 2020 година од страна на Државната комисија за спречување корупција добивме официјално барање за доставување податоци и информации од страна на Општината за тоа дали лицето А.К. е вработено во Општина Куманово и на која работна позиција, дали во буџетот за 2019 година биле предвидени средства за финансирање на спортски здруженија, како и на кој начин се доделени средствата и Програма за развој на спортот и рекреативни активности на граѓаните на Општина Куманово за 2019 година. Општина Куманово во најкус можен рок постапи по истото барање и три дена подоцна на 23.01.2020 година беа уредно доставени побараните податоци и документи до ДКСК врз основа на предметот на барање.Дополнително, претставник од Државен инспекторат за локална самоуправа постапувајќи по предмет поднесен од Државната комисија за спречување на корупција на ден 21.01.2021 година изврши увид во целосната документација во просторите на Општина Куманово, за што постои и уреден записник. Согласно законот за локална самоуправа и законот за спорт, Општината со програма за развој на спорт и рекреативни активности на граѓаните изготвува задолжителна годишна програма за развој на спортот и рекреативните активности на граѓаните во општината, која во целост ја спроведува Општинскиот сојуз на спортови во својство на координатор на спортските активности да води грижа за развој и унапредување на спортот во општината со нагласена улога да биде спона помеѓу Општината од една страна и спортските клубови и здруженија од друга страна, со единствена цел да се избегне дискреционото право на одлучување во распределбата на средства и фаворизирање на одредени спортски активности и клубови согласно индивидуални согледувања. Општинскиот сојуз на спортови (ОССК) доставува годишна програма за работа со преглед финансиски план, која ја усвојува Советот на Општина Куманово, а Градоначалникот средствата ги исплаќа согласно одлуката за извршување на буџетот и ниту во еден момент не носи решенија по овој основ или било кој друг правен акт со кој се прави реализација на средства, бидејќи средствата директно се исплаќаат по одлуката која е донесена од страна на Советот. По завршување на секоја фискална година, ОССК доставува годишен извештај за работа со комплетен финансиски преглед за реализираните средства до Советот на Општина Куманово кој што е предмет на разгледување и усвојување од страна на Советот, по што Советот носи заклучок за негово усвојување кој како таков е транспарентен и јавно објавен на општинскиот портал и во службениот гласник на Општина Куманово. Потенцирам дека ДКСК направила превид и неосновани се тврдењата дека Градоначалникот лошо управувал и лошо применил дискреционо право бидејќи при ваква постапка се работи за реализација на годишна програма согласно буџетот и ниту во еден момент нема ниту основ, ниту можност несоодветна и дискрециона примена на правото на Градоначалникот. Неосновани се тврдењата на ДКСК дека Општината и Градоначалникот на Куманово не доставил копии од одлуките од Советот и решенија за извршување на буџетот при доделување на средствата на спортските клубови донесени во 2019 година бидејќи истите се уредно доставени со дописот од 23.01.2020 до ДКСК, додека решенија во овој случај не се донесуваат поради претходно наведеното ниту пак има директно финансирање на спортските клубови и здруженија од буџетот на Општина Куманово. Потенцирам дека сите побарани документи од страна на ДКСК се доставени со пропратно писмо во фотокопија во најкус можен рок од 3 дена до ДКСК за понатамошно нивно постапување по пријавата.  Во интерес на јавноста со овој демант доставуваме и документ од јавен карактер – Одговор на барање од ДКСК, од кој јасно се гледа дека целата побарана документација од страна на ДКСК е уредно доставена од страна на Општина Куманово до ДКСК во најкус можен рок. Со ваквите пропусти од страна на ДКСК се нанесува голема штета на угледот и честа во делот на своето работење на Општината, Градоначалникот и другите субјекти споменати во изјавата и сметам дека ДКСК треба повторно да го разгледа предметот суштински да ги отфрли пропустите и да ја отфрли неоснованата пријава. Да биде парадоксот поголем токму во 2019 година Општина Куманово беше прогласена за Град на спортот во Европа од страна на Европската Асоцијација на Градови на Спортот токму поради фактот дека Градоначалникот и овој состав на Советот на Општина Куманово поддржуваат годишни програми за развој на спортот и рекреативни активности на граѓаните кој опфаќа поголем сегмент на граѓани и здруженија со различна возраст, различни спортски гранки, вклучувајќи го и училишниот спорт и нови инвестиции во спортска инфраструктура. Посоченото лице А.К. во тој момент имал уреден волонтерски договор согласно програма за волонтирање во Општина Куманово, а според наши податоци со кои располагаме истиот не е вршител на функцијата претседател на КК Куманово, туку во Централниот регистар на РСМ во евиденцијата како одговорно лице се води В.Б. Очекуваме ДКСК јавно да се извини за овие пропусти, повторно да го разгледа предметот, да ја утврди реалната фактичка состојба, а ние како институција и јас како Градоначалник стоиме на располагање за понатамошна соработка со ДКСК. Ја почитувам нивната работа и давам целосна поддршка во борбата против корупцијата во нашата држава!

 

 

 

Врати се на врвот
Големина на фонт
Боја на контраст