Пригодно одбележан Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија
Со работни активности и пригодна културно – уметничка програма на ДМА “Срма” – Куманово, во ресторан Грација, денеска беше одбележан 4 Декември – Ден на лицата со телесен инвалидитет на Македонија, во организација на Меѓуопштинското здружение на лица со телесен инвалидитет на Куманово, Кратово и Крива Паланка – Мобилност Куманово, со поддршка на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – НСИОМ.
На работилницата со тема: “Преземени активности во 2024 година и актуелни состојби за подобрување на правата на лицата со телесен инвалидитет, со осврт на финансирањето на сојузот и здружените членки”, учествуваа претставници од Мобилност Македонија, претставници од локалната самоуправа, институции и организации соработници на Сојузот и претставници на националните инвалидски организации и НСИОМ, како највисока организација, која ги штити интересите на сите нејзини членки.
На пригодниот настан, пред присутните се обрати и активно учествуваше претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска и раководителот на Сектор за култура, спорт, социјална заштита, заштита на децата и здравствена заштита, Александар Крстевски.